Ферстапен ги победи возачите на Ферари за втора сезонска пол-позиција

Макс Ферстапен победи на последните две трки во Мексико, а денеска во квалификациите ја освои пол-позицијата, пред двата болиди на Ферари. 

Возачот на Ред Бул до втората сезонска пол-позиција на патеката „Ерманос Родригез“ дојде со време од 1:14,758 минути. Шарл Леклер од Ферари заврши како втор со задоцнување од 0,266 секунди, додека трет беше Себастијан Фетел.

Луис Хамилтон од Мерцедес ќе стартува како четврти, пред Александер Албон од Ред Бул, додека вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас ја освои шестата стартна позиција, но во последниот свиок од последниот круг ја загуби контролата и удри во заштитниот ѕид. Финецот мина без посериозни повреди.