Ферари најавува бурна сезона: Фетел беше најбрз на „Каталуња“

Возачот на Ферари, Себастијан Фетел постави најдобро време на претсезонските тестирања во Формула 1 (Ф1) во вториот ден од тестовите на патеката „Каталуња“.

Четирикратниот светски шампион го имаше најбрзиот круг во Монтмел со време од 1:19,673 и за три десетинки беше побрз од возачот на Мерцедес, Ботас. До третото место стигна Вандорне, кој за нијанса возеше подобро од Ферстапен во болидот на Ред Бул.

Голем број тимови избегнаа излегување на патеката во текот на утрото поради ниските температури, а попладне настана вистински метеж. Фетел до првата позиција стигна во последните час ипол.

Првите тестирања во Монтмел траат до четврток, а акцијата потоа продолжува наредната недела додека шампионатот во Ф1 започнува со трката за Големата награда на Австралија на патеката „Алберт парк“ на 25. март.