Ферари „нагази“ и во Шангај: Пол-позиција за Фетел, Раиконен до него!

Доминацијата на Ферари продолжи и во третиот викенд од Формула 1 календарот, со пол-позиција и 1-2 пласман во квалификациите за трката во Кина.

Себастијан Фетел имаше најдобро време и тоа остварено во последните мигови од третата квалификациска сесија, потиснувајќи го Кими Раиконен, кој долго важеше за најбрз.

За 52. пол-позиција во кариерата, Фетел оствари време 1:31.095, што поставува нов рекорд на патеката во Шангај, иако тој претходно некоклу пати беше подобруван и од Раиконен, кој застана на 87 илјадитинки заостанување зад тимскиот колега. За комплетна реприза на првата тројка од Бахреин се погрижи Валтери Ботас на третото стартно место.

Шампионот Луис Хамилтон задоцни само 50 илјадитинки зад него, сепак може да биде задоволен и со тоа, со оглед дека долго во третата квалификациска сесија беше и зад двата болида на Ред бул. Тие, пак, се поредија зад Ферари и Мерцедес, , петти Ферстапен, шести Рикардо.

На утрешната трка, која почнува во 8.10 часот по македонско време, сите ќе стартуваат со ултра-меки гуми, освен Ферари и Мерцедес, кои ќе тргнат со меки.