Еспаргаро со пол-позиција за европското гранпри во Валенсија

Пол Еспаргаро од КТМ ќе стартува од пол-позицијата на европското гранпри во Мото ГП на патеката „Рикардо Тормо“ во близина на Валенсија, откако денеска на мократа патека успеа да биде најбрз во неизвесните квалификации и за 0,041 секунда да биде побрз во најдобар круг од Алекс Ринс.

Во Валенсија ќе се вози утре првото европско гранпри после 1995 година, а Еспаргаро успеа во завршницата да извози круг под минута и 41 секунда, па со време 1:40,434 минути да стигне до стартната позиција за утрешното гран при. Ринс ќе тргне втор, а Тааки Нагаками, кој на минатото гран-при стигна до прва полпозиција во кариерата ќе биде трет.

Јохан Зарко тргнува од четвртото стартно место, Јоан Мир од петото, а Џек Милер од шестото. Фабио Квартараро ќе почне дури од 11-та стартна позиција, додека Маверик Виниале дури од последната.