Долевањето гориво повторно се враќа во Формула 1?

Откако во 2010 година го укинаа правилото за долевање на гориво, па возачите на болидите во Формула 1 во пит-стопот ги менуваат само гумите, од 2021 година можно е повторно да се врати долевањето на гориво во најбрзиот „октански циркус“.

Враќањето на правилото за долевање на гориво повторно се наоѓа како предлог, со цел да се врати возбудливоста на трките уште повеќе, зашто веќе неколку години, многу возачи, стручњаци и легенди во овој спорт посочуваат дека сѐ повеќе се губи интересот поради пречестите досадни трки, без многу возбудувања.

Првиот човек на ФИА, Жан Тод објави дека на тимовите во Ф1 им се дадени предлозите на разгледување, а меѓу нив и тој за долевање на гориво.

„Лично, јас сакам да се врати долевањето на гориво, но сега сум среќен што тимовите повторно ќе разговараат за тоа. Сега болидите се претешки, па и затоа се води оваа дискусија. Јас го форсирам ова зашто на стартот болидите би биле полесни, а има опција и да се намали нивната големина“, вели Тод.

Но, проблем е што евентуалното враќање на правилото за долевање на гориво ќе ги стави во дополнителни трошоци тимовите во Ф1.