„Докторот“ не знае уште кога во пензија: Ќе возам додека ми е забавно!

Легендарниот италијански мотоциклист Валентино Роси, иако во февруари наполни 40 години нема намера да оди во пензија и да го остави моторот од Мото ГП-класата, најавувајќи дека ќе вози сѐ додека му е забавно.

Роси, кој има прекар „докторот“ е деветкратен првак во мотоциклизам (по една титула во категориите до 125 и 250 кубици и седум во кралската класа), за „Радио 1“ изјави дека поради навивачите планира сѐ уште да вози.

„Ќе возам сѐ додека ми биде забавно, или сѐ додека сум конкурентен. Кога тоа ќе го снема – ќе си заминам. После 25 години кариера, најголемото богатство кое го оставив се навивачите кои доаѓаат да ме видат. Кога ќе си заминам во пензија, тие ќе останат“, рече Роси.

Италијанецот веќе со години е во врска со Франческа Софија Новела и планира да стане татко.