Добри вести: Ники Лауда е во стабилна состојба и самостојно дише

Легендарниот австриски возач во Формула 1, Ники Лауда, кој имаше трансплантација на белодробно крило пред повеќе од еден ден е во добра и стабилна состојба и веќе самостојно дише, објавија лекарите од клиниката каде што легендата беше опериран.

На Лауда му беше трансплантирано белодробно крило поради вирус на белите дробови, а тој во четвртокот бил примен во болница. Инаку тој има здравствени проблеми уште од легендарната трка во Нирбургринг во 1976 година, кога доживеа страшна несреќа. Тогаш повеќе од една минута беше заробен во запален болид, имаше тешки изгореници, но отровните гасови кои ги вдишал трајно му ги оштетиле белите дробови.

Поради тоа тој во 1997 и 2005 година имал трансплантација на бубрези.

„Само 24 часа по операцијата, Ники Лауда е повторно во свесна состојба, може самостојно да дише и респираторот му е тргнат“, рекоа од клиниката.

Лауда е поранешен светски првак од 1975, 1977 и 1984 година, а според професорот Валтер Клепетк, кој и го оперираше, австриската легенда уште неколку недели ќе биде во болница, а ако нема несакани изненадувања, долгорочно ќе може да живее како и претходно - да лета, да се занимава со спорт. Инаку, Лауда по завршувањето на кариерата беше менаџер во мотоспортот, ТВ-коментатор, купи авиокомпанија...