Чудесниот Шпанец ќе лета со Хонда и во следните четири години

Актуелниот светски првак во мотоциклизам, Шпанецот Марк Маркез потпиша нов четиригодишен договор со Хонда и ќе продолжи да вози за овој тим, после доминацијата во Мото ГП.

Чудесниот Шпанец сега останува верен на Хонда до 2024 година, а дебито во Мото ГП го имаше во истиот тим во 2013 година и оттогаш освои шест титули во седум години, па стигна да биде меѓу најдобрите мотоциклисти во историјата.

„Горд сум што ја продолжив соработката со Хонда и во следните четири години. Хонда ми даде шанса кога дојдов во Мото ГП и среќен сум што останувам во ова семејство“, вели Маркез.

Тој со ова продолжување на договорот, практично ќе наполни 11 години во Хонда, а како тргнало веројатно во истиот тим ќе остане и до крајот на кариерата. Шпанецот останува прв фаворит за титулата и во оваа сезона, која стартува на 8 март со Големата награда на Катар.