Баутиста ќе го менува Лоренцо во Дукати во Австралија

Алваро Баутиста од Дукати Аспар тимот се сели во фабричкиот тим Дукати и ќе биде тимски колега со Андреа Довициозо за следната трка во Австралија. Искусниот Шпанец ќе го менува Хорхе Лоренцо, кој од следната сезона ќе вози за тимот на Хонда и ќе биде партнер со Марк Маркез.

Дукати денеска ги потврди информациите дека 33-годишниот Баутиста ќе вози за главниот тим на Дукати, но само за трката на „Филип Ајленд“, бидејќи од следната сезона Данило Петручи ќе му биде партнер на Довициозо.

33-годишниот Шпанец нема некои позабележителни резултати во најсилната класа во мото-шампионатот, но тој е поранешен шампион во класата до 125 кубни сантиметри. Во осумгодишната Мото ГП кариера нема остварено ниту една победа, а најголемите успеси му се една пол-позиција и три трети места.