Зошто ФФМ молчи за антимакедонската парола на ПАОК?

Иако мешањето на политиката во фудбалот е најстрого забрането според правилниците на Европската фудбалска унија (УЕФА), а нејзините видни луѓе и дисциплински комисии „милион пати“ го повторуваат, кога станува збор за грчки ПАОК и нивните антимакедонски пароли со политичка конотација, не важат никави правила, ни дисциплински постапки, а најмалку – некакви казни.

Откако почна сезоната, на централната трибина на солунска „Тумба“ постојано стои една иста парола, која веќе станува и досадна - „Македонија е една и единствена и таа е тука“. Паролата се појави уште од мечот со Шалке, кога веќе излитените пароли „Македонија е грчка“, ја заменија со нова, која сега е стандарден декор и постојано поставена на оградата спроти камерите, за да може светот за 90 минути, барем толку пати да ја прочита. Можат да ја прочитаат и сите луѓе во УЕФА, организации кои се борат за еднаквост во фудбалот, ама пријава за прекршувања на основните начела на европското фудбалско семејство нема.

Нема ниту реакција од Фудбалската федерација на Македонија, која од нејасни причини ниту еднаш не се обиде да изреагира, да го пријави ова постојано ширење на антимакедонска пропаганда во европската централа од страна на клуб, чии навивачи од поодамна се посочени како најголеми противници на нашата земја и како „основоположници на антимакедонизмот“ со огромна пропаганда против името на нашата земја.

Во изминативе два месеци, ПАОК беше трипати домаќин и трипати за паролата „Македонија е една и единствена и таа е тука“, УЕФА не презема никаков чекор. Грците се најдоа на тапет на дициплинците на УЕФА за глупости - блокирани скали, употреба на пиротехника, користење ласери. За политика – си свиркаат! Затоа, македонските клубови, а посебно Вардар во изминативе години беше казнуван, многу посериозно (парично секојпат) за „УЕФА мафија“, за парола за Македонија (против АПОЕЛ). Како доказ дека во Нион владеат двојни стандарди.

Може само да замислиме, како би реагирала грчката федерација во УЕФА, ако ваква парола со иста порака постојано би била закачена на Националната Арена „Филип Втори“ на мечеви на репрезентацијата, Вардар, Работнички... Сигурно е дека нема да премолчат, уште помалку ќе бидат инертни и ќе да чекаат некој друг да го пријави „проблемот“, туку напротив - силно ќе притискаа со сите средства за да се изрече остра санкција! Зошто нели основно начело милион пати повторнено е дека за политиката нема место во фудбалот и спортот.

За жал ги нема ниту големите невладини организации, пред се ФАРЕ, кое има претставништва во секоја земја, силно поврзани со централата и со УЕФА во борба со расизмот, национализмот. Сите тие секоја година во кампања поддржана од УЕФА покажуваат црвени картони на девијантните појави, ама.... Ваквите организации се одважија да пријавуваат мешање на политика и расистичко однесување на фудбалски мечеви во регионот, па Хрвати, Срби беа казнувани за навредливо однесување на навивачите со одредени скандирања, песни, величења на злосторства...

И сите тие, бившојугословенски клубови добиваа сериозни казни, па дури беа затворани трибини, цели стадиони... Но, кога на сцена треба да биде „македонското прашање“ нема никаква реакција. Жално е што никој не знае зошто? Уште пожално што и ФФМ си молчи. Дури и жално е што во регионот за мешањето на политиката во спортот повеќе има реакции за случувањата на солунска „Тумба“, отколку што воопшто некој се замара до „куќата на фудбалот“ за постојаното скандалозно однесување на навивачите на ПАОК.