Зенит без Лунев, Анјуков и Фајзулин против Вардар

Рускиот гигант Зенит утревечер од 19 часот ќе го дочека македонскиот шампион Вардар во петтото коло во групата Л во Лига Европа, а тимот од Санкт Петербург за дуелот со црвено-црните ќе бидат без тројца Руси.

Поради повреда на главата, на голот на Зенит нема да биде Андреј Лунев. Лунев се повреди на пријателскиот меч помеѓу Русија и Шпанија (3-3) пред десетина дена, па мораше да преноќи во болница откако по еден удар остана без свест и имаше потрес на мозокот.

Повредени се и Александер Анјуков и Виктор Фајзулин, па овие двајца не тренираа денеска на тренингот пред утрешниот меч. Тренерот на Зенит, Роберто Манчини најави дека Зенит против црвено-црните ќе излезе речиси со „резервен тим“, што е и за очекување поради фактот што викендов ги очекува дербито со шампионот Спартак Москва.

Зенит веќе има обезбеден пласман во пролетните елиминации во Лига Европа, а победата им значи за освојување на првото место во групата во Лига Европа.