За да ја види светлината на крајот од тунелот, Вардар мора да го изгасне Фенер(от)

Македонскиот шампион Вардар го избра потешкиот пат за да напише историја и да стане прв тим што обезбедил европска есен и пласман во групната фаза во Европа, па вечерва (20 часот) против турскиот гигант Фенербахче ќе мора да одигра двојно подобро и посилно за да ги остави надежите дека за една недела среде Истанбул ќе се радува на успех, каков што Македонија досега немала. Црвено-црните го дочекуваат фаворизираниот турски гигант на Националната Арена „Филип Втори“ со желба серијата европски победи дома да продолжи.

По двата порази, елиминацијата од Копенхаген (1-4) и на стартниот меч од првенството сп Шкендија во дербито за титулата, шок терапијата е направена со тренерската смена. Вардаровата легенда Чедомир Јаневски го презема кормилото на тимот, па сега вардарци без страв и со многу мудрост ќе треба да го надмудрат фаворизираниот тим

„Нашиот противник Фенербахче е добро анализиран и не треба да се трошат зборови за каква екипа станува збор. Вардар има ретка шанса да биде првиот тим кој што ќе обезбеди пласман во групна фаза од европско натпреварување. Ќе има голема борбеност и ќе биде умешност да се надигра Фенербахче, кој што е голем тим во Турција. Станува збор за одлична екипа со исклучителни индивидуални способности. Меѓутоа и Вардар има шанса да покаже дека има квалитет и сето она што му треба да направи успех во Европа. Играме дома, пред наша публика и ќе дадеме се од себе, иако ги респектираме. Ова е уникатна шанса да се напише историја. Ќе биде потребно концентрација, борба, умешност, мудрост за да се наигра Фенербахче“, вели Јаневски.

Вардар пропушти златна шанса во Копенхаген за да осигура историско учество во Лига Европа, 20 минути ги делеа црвено-црните, и тоа со играч повеќе, да се радуваат на најголемиот фудбалски клупски успех. Сега пред себе, шампионот има двојно посилен тим за ривал, кој има сосема поинаков стил на игра, кој има силни индивидуалци, па вардарци ќе мора добро да внимаваат и на својот гол, но и рационално да го користат секој простор од теренот да нападнат и шансите да ги искористат. На Вардар вечерва му треба каква било победа, за да замине со уште подобра атмосфера и самодоверба, која е разнишана со двата порази во серија.

Турците се фудбалски моќници за македонски услови, играат постојано и во пролетните елиминации, но сезонава еден таков гигант, како Галатасарај, испадна во минатото коло. Испадна и пред две години Трабзонспор од скопски Работнички, па затоа и Вардар нема потреба со преголем респект да влезе во мечот, туку напротив, бескомпромисно да се бори за секоја топка и секоја педа од теренот. Без страв и со многу дисциплина и организација, Фенербахче може да се победи, а на оваа генерација е да го исправи тоа што го згреши во Данска.

Веќе одамна во европскиот и светски фудбал фаворитите не секогаш победувале и се радувале. Затоа и Вардар има шанси да се радува и денеска, како што сите навивачи се радуваа и во Струмица после Малме (3-1) и во Скопје на првиот меч со Копенхаген (1-0).