Велковски: Да ја спуштиме топката по земја и ќе им направиме проблеми!

Вардар е пред последниот испит во групите во Лига Европа за да избегне да биде еден од најлошите пет тима кои играле во ова натпреварување и не освоиле бод, па за да се избегне такво сценарио на црвено-црните утре им треба најмалку бод од пресметката со Розенборг на Националната Арена „Филип Втори“ (20.45 часот).

Сезонава, Розенборг е трет скандинавски предизвик за Вардар. Црвено-црните загубија во Трондхајм со 1-3, но дома во претходните два меча со Малме (во Струмица) и со Копенхаген (во Скопје) славеа победи, па фудбалерите се желни конечно да стигнат до бодови.

„Утре не очекува тежок меч со Розенборг. Играат многу слично како Малме и Копенхаген, со кои веќе игравме во квалификациите и ние навикнати сме на тој нивни скандинавски стил. Подготвени сме максимално и ќе дадеме сто отсто на мечот, а јас се надевам дека на крај стигнеме до победа. Тоа што е најважно, нашиот стил мора да биде игра по земја, затоа што тие се повисоки и ако го сториме тоа, да ја спуштиме топката на земја, ќе им направиме проблеми. Плус, високо поставени ако играме во дефанзива, мислам дека нема да имаме проблеми со Розенборг“, вели Велковски.

Вардар по пет меча има исто толку порази со гол-разлика 2-19, додека Розебнорг освои четири, три од победата со црвено-црните и еден во ремито дома со Зенит.