Васоски: Имаме незгоден резултат, ама убеден сум дека може да го минеме Пјуник!

Македонскиот вицешампион Вардар утре од 19 часот ќе ја брка негативата од еден гол по поразот од ерменски Пјуник (0-1) пред една недела во првиот меч од првото квалификациско коло во Лига Европа, а црвено-црните со нов кормилар ќе тргнат во битка за да ја надоместат негативата и да обезбедат следна рунда во најмасовното натпреварување.

Над вардарци, кои летово комплетно го сменија својот лик со реконструкцијата на тимот што пред една година играше во групната фаза на Лига Европа натежнат е голем притисок да не доживеат катастрофа и уште на стартот на летната авантура да испаднат. Александар Васоски, кој пет години беше фудбалер на црвено-црните, а сега пет како помошник ќе дебитира на европската сцена како прв тренер и најавува дека верува во тимот дека има капацитет да се избори за второ коло.

„Имаме незгоден резултат, но јас убеден сум дека имаме сила и квалитет да ја анулираме таа негатива. Верувам дека ќе дадеме гол, а зошто да не и два-три. Тоа што треба да го смениме од првиот меч е пристапот. Сега имаме 90 минути, во кои нема да се залетаме од прва секунда да одиме безглаво во напад. Ќе мора да играме балансирано, да напаѓаме, но и да внимаваме на својот гол, затоа што на примен гол, ќе треба да дадеме три. Доволно сме квалитетни за да одиме понатака. Верувам во играчите, а тие во овие четири дена покажаа дека можеме тој квалитет да го искористиме на утрешниот меч“, вели Васоски.

Иако официјално дебитира како прв тренер, откако досега работеше како помошник, Васоски верува дека може да ја оствари целта. Засега останува отворено прашањето и дали ќе остане на кормилото, или Вардар ќе продолжи да го предводи во новата сезона.

„Минатата сезона игравме во групна фаза, но многу играчи си заминаа, сакавме освежување на тимот, подмладување... Ова ми е прва станица како прв тренер, четири години учев од добри тренери и од нив ќе го задржам најдоброто. Добро ја познавам екипата, клубот го знам, затоа што пет години бев и фудбалер на Вардар. Знам дека секој меч за Вардар е притисок, но подготвен сум за овој предизвик. Се надевам дека ќе биде се најдобро утре. Јас сум само за овој меч, што ќе биде после ќе видиме. Се надевам дека в петок во добри околности со обезбедена втора фаза ќе седнеме и ќе разговараме. Јас не би сакал да зборувам за мојот претходник, соработувавме заедно, но секоја промена е шок-терапија. Се надевам дека ќе биде во ред, а по тоа што видов на тренинзите играчите се свесни дека по ланскиот успех, иако им се наметнува притисок дека ќе го минат второто коло“, додава Васоски.

И Васоски и стоперот Евгениј Новак, ги повикаа навивачите да дојдат на Националната Арена „Филип Втори“ во што поголем број и да им дадат поддршка и да бидат мотив повеќе за обезбедување на второто коло во најмасовното натпреварување.

„Ги повикувам навивачите да дојдат, со нивна помош Вардар игра подобро, поагресивно, поофанзивно“, рече Васоски. „Навивачите да дојдат во што поголем број и да не бодрат, тие да бидат нашиот 12-ти играч, затоа што со нив е полесно да се игра“, додаде и Новак.

За дефанзивецот Новак основа за успех утревечер е голема дисциплина во играта и голема желба кај фудбалерите.

„Ја анализиравме нашата игра во Ереван и имаме идеја како да играме. Ако ги исполниме идеите на стручниот таб, мислам дека ќе се избориме за добар резултат. Најважно е да имаме голема дисциплина и желба за добар резултат. Ако не го исполниме тоа тешко ќе се надеваме на добар резултат“, рече Новак.