Вардарци одлетаа кон Санкт Петербург по историски бод(ови)

Фудбалерите на Вардар рано утрово заминаа за Санкт Петербург, на последното гостување во Лига Европа, кај лидерот во групата, Зенит.

Поразот во Скопје во првото коло, со 0-5 дава допир со реалноста, дека Зенит е апсолутен фаворит во однос на Вардар, но и покрај тоа не згаснува надежта, дека можеби овој четврток во Санкт Петербург македонскиот првак ќе чепне историски бод(ови).

Она што теши и влева надеж е фактот дека Зенит е веќе пласиран во следната фаза, иако првото место не му е сигурно. Има 10 бода, само еден повеќе од Реал Сосиедад, кој утре гостува кај Розенборг.

Вардар, пак, доаѓа по победата во вечното дерби и уште еден ефикасен триумф (против Ренова) во домашното првенство и сите сакаат да мислат дека резултатската криза е минато. Чеде Јаневски уште вечерва ќе има шанса да тренира на „Крестовски“, а претходно и ќе има официјална прес-конференција, на која ќе ги сподели очекувањата.

За Русија отпатуваа Филип Гачевски, Игор Алексовски, Бојан Тимевски, Ховханес Хамбарџумјан, Евгениј Новак, Дарко Велковски, Бобан Грнчаров, Висар Муслиу, Бесир Демири, Дарко Глишиќ, Никола Глигоров, Бобан Николов, Вања Марковиќ, Хуан Фелипе, Филип Стојчевски, Бесар Исени, Џамбул Џигаури, Петар Петковски, Дејан Блажевски, Тигран Барсегјан, Итало. 

Натпреварот се игра утревечер во 19 часот.