Вардар мора да има идеја и храброст: За бод(ови) во Лига Европа треба многу повеќе од само желба

По четири неуспешни приказни во дебитантската сезона во големото друштво во Лига Европа и со само еден постигнат гол, македонскиот шампион Вардар денеска ќе ја има претпоследната шанса да покаже дека има квалитет против фаворизираниот Зенит во Санкт Петербург (19 часот) и дека црвено-црните навивачи конечно ќе се израдуваат на бод(ови).

Вардар во Русија доаѓа за да го поправи впечатокот, а за такво нешто нема да биде доволна само желбата, туку и идејата и храброста да се нападне голот на рускиот гигант, кој во овој меч влегува растеретен за бодовите откако уште во минатото коло го завери пласманот во пролетните елиминации во второто по ранг натпреварување на Стариот континент. Зенит во Скопје беше фуриозен, но денеска ќе игра со комбиниран тим, што остава простор за вардарци конечно да го покажат вистинското лице и да се изборат најмалку за бод на стадионот „Крестовски“.

Шампионот на Македонија најави дека во Русија не доаѓа за да се одбрани, туку да нападне. Руските медиуми веќе почнаа да најавуваат дека недостатокот на мотивација кај Зенит може да биде предност за Вардар, затоа што сините имаат обезбедена пролет, а викендов ги очекува големо дерби со рускиот шампион Спартак Москва во домашното првенство.

„Залудно е да се трошат зборови за Зенит, знаеме за каков тим се работи, без оглед дали ќе игра со најсилните или со други фудбалери. Зенит има по двајца исклучителни играчи на секоја позиција и ние не смееме да имаме пристап во мечот, дека тие не се мотивирани. Нив Манчини нема да им дозволи опуштање. Вардар има квалитет, а тоа го покажа и во квалификациите и сите фудбалери со голема желба ќе покажат дека и последниот меч со Зенит кој го загубивме не беше мерило за нашиот квалитет. За добар резултат ни треба добра организација во играта, а освен желба мора да покажаме и добра игра. Да не играме на нула, туку да дадеме гол. Ако сакаме добар резултат мора да направиме сè да го зачуваме голот колективно, но да мислиме како да дадеме гол. Не се закануваме, туку без страв да одиграме зошто нема што да загубиме, а можеме само да добиеме од овој меч“, рече вардаровиот кормилар Чедомир Јаневски.

Вардар е единствен сезонава без освоен бод во четирите досегашни кола во Лига Европа, а пред црвено-црните е голем предизвик да го урнат митот за непобедливост на Русите, кои во 16 меча во групите во изминативе седум години имаат само едно реми и 15 победи. Иако на северот на Русија е поларно, дуелот на „Крестовски“ ќе се игра како да е пролет, затоа што стадионот ќе биде затворен и температурата ќе биде 20 степени, што значи дека Русите нема да ја имаат предноста од „руската зима“ за мечот.

Дуелот на „Крестовски“ почнува од 19 часот, а главен судија е белгискиот анонимус Барт Вертентен, на кого ова му е само трет меч во групната фаза во ова натпреварување.