УЕФА загрижена: Најмоќните 30 клуба заработуваат повеќе од цела Европа – заедно!

Европската фудбалска унија (УЕФА) во својот годишен финансиски извештај за финансиите на Стариот континент објави загрижувачки податок дека 30-те најмоќни клубови на континентот заедно имаат поголема заработка од 682 останати клубови заедно во Европа.

Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин во „бенчмаркот на УЕФА за финансиите за 2018 година“ посочил дека овие податоци јасно ја отсликуваат глобализацијата во фудбалот, која е сериозна закана за поларизација на фудбалот на Стариот континент. Стручњаците овие финансиски детали ги толкуваат од поинаков аспект – јасно е зошто моќните и богатите сакаат да се одметнат во сопствено натпреварување.

Според „бенчмаркот“ рекордни 21 милијарда евра генерирале сите 712 професионални клубови од 55 земји членки на УЕФА, но загрижувачкиот податок е дека дури 75 отсто од тие пари, нешто околу 18 милијарди се приходи во петте најсилни лиги од т.н. „лига петка“. Но, загрижувачкиот податок е дека скоро половина од приходите отпаѓаат само на 30-те најбогати и најмоќни клубови, што не е ни чудно, откако консултантската куќа „Дилоит“ пред неколку дена објави дека Барселона остварила рекордни 800 милиони евра приходи во една година.

„Овој извештај само ги отсликува сите закани со кои се соочува европскиот фудбал за неговата стабилност и успех. Тоа вклучува ризици на поларизација од глобализацијата, буквална медумска потелба или случаи на преголема независност во трансфер-политиката“, посочува Чеферин.

Според извештајот за 20 отсто е зголемен приходот на клубовите од фудбалот, најмногу нормачно од ТВ-правата, ама над сè ненормално многу е зголемен процентот на пари наменети за плати во однос на годишната заработка, која достигнала до 64 отсто, што во ниту еден сектор не е на така високо ниво. Дури 35 клуба имаат буџет за плати над 100 милиони евра годишно.

Плус, цели шест милијарди евра биле потрошени за една година на трансфери, што е зголемување за 25 отсто во однос на претходната година, но се посочува дека преголем број на клубови, меѓу нив и земји како Португалија, Франција и Белгија, се зависни од производство и продажба на играчи за да опстојат, зашто приходите достигнуваат до 50 отсто од вкупните приходи за клубот да може нормално да функционира.

„Овој начин е премногу ризичен, зашто извозот на таленти природно стана основа за приходи од трансфери на многу клубови, кои на тој начин ги покриваат трошоците за плати и оперативно работење“, додава Чеферин.

Интересно, англичаните пресметаа дека само Премиерлигата со своите 20 клубови има поголем приход од 50 земји заедно во Европа. Поточно, ако се иземат петте најсилни на листата, од шестата Португалија до последниот Сан Марино според рејтинг-листата на УЕФА заедно приходувале 5,25 милиони фунти, а премиерлигашите сами – 5,4 милијарди фунти. Овој показател за Чеферин е сериозна закана зашто доминацијата на финансиски план, практично уште повеќе го зголемува јазот на богатите и сиромашните, па балансот во европскиот фудбал се нарушува.

Оттаму се поголемиот притисок за реформи за ЛШ со затворен тип, практично како еден вид Суперлига на моќните и богатите, па се до информациите дека Реал Мадрид со ФИФА и Џани Инфантино преговараат со заинтересирани корпорации околу вистинска Суперлига на моќниците. И на сето тоа, Инфантино веќе ја отвори вратата за регионализација на европскиот и светскио фудбал, за поинакви лиги кои на поголем пазар ќе донесат поголеми приходи за малите клубови за да може фудбалот да се развива, а не да назадува.