УЕФА притиска за Евро 2021 низ 12-те градови со само – четвртина капацитет

Европската фудбалска унија (УЕФА) притиска по секоја цена да се одржи презакажаното Европско првенство за летово во претходно утврдените 12 градови, на кое ќе дебитира Македонија на големата сцена со мечеви во Букурешт и Амстердам во групната фаза, објави англиски „Дејли Мејл“.

Според информациите на „Дели Мејл“ од извори блиски до организацискиот одбор зашто лондонски „Вембли“ треба да биде домаќин на седум меча меѓу кои и полуфиналето и финалето на ЕП, УЕФА притиска да се одржи шампионатот во 12-те градови и тоа со четвртина капацитет, односно да се играат мечевите со 25 отсто исполнети трибини.

Ова доаѓа откако наводно еден од градовите кој треба да биде домаќин се повлекол од организацијата во ек на оваа пандемија со коронавирусот, од практични причини зашто со многуте рестрикции кои во моментов постојат околу патувањата е невозможно да одговори на сериозните барања што ги носи една голема организација. Кој е тој град, засега не се посочува, но весникот потенцира дека УЕФА притиска за организацијата да остане како што е смислена и испланирана, иако бројни медиуми во изминатиов месец најавуваат дека во Нион сериозно се размислува за план Б и кратење на бројот на градови или промена во комплетниот организациски формат со одржување на Евро 2021 во само една земја.

Пред неколку дена беше објавено дека градовите, ако УЕФА се реши да го смени организацискиот план, ќе бараат отштета од европската централа поради своите инвестиции за инфраструктурата и организацијата, па поради тоа од Нион притискаат да се одржи шампионатот во 12-те градови, а избраните домаќини не сакаат официјално да се откажат од организацијата за да не ја загубат шансата да си ја повратат инвестицијата ако го сторат тоа.

Поради сето ова, градовите остануваат „посветени“ на организација на настанот со 25 отсто гледачи, верувајќи дека барем минимален број на навивачи ќе има на трибините и нема да се игра пред празни трибини, иако нивната желба сепак ќе зависи од одлуките на државните власти околу епидемиолошката состојба.

Во целиот хаос, УЕФА на 5 март треба да ја донесе одлуката, но веќе постојат најави дека истата можеби ќе се пролонгира до почетокот на април годинава кога е Конгресот на европската централа и кога веројатно ќе се пресече, па само два месеци би останале за комплетна организација на турнирот.

Легенди, стручњаци, здравствени експерти во изминатиов период низ европските медиуми посочуваа дека организацијата на Евро 2021 каква што ја замислува УЕФА е невозможна мисија од оваа перспектива, а дури човек од СЗО отиде најдалеку барајќи ново одложување на континенталниот шампионат, нешто што го посочи и легендарниот Берти Фогс.

Евро 2021 треба да го организираат Лондон, Даблин, Глазгов, Амстердам, Копенгаген, Билбао, Санкт Петербург, Будимпешта, Букурешт, Баку, Рим и Минхен. Отворањето на ЕП треба да биде на 11 јуни во Рим, а финалето на 11 јули во Лондон, на „Вембли“.