УЕФА отвори нова позиција шеф на европскиот фудбал и му ја додели на – Звоне Бобан!

Хрватската легенда Звонимир Бобан, кој лани беше дел од спортскиот сектор на својот бивш клуб Милан, е нов шеф на европскиот фудбал во Европската фудбалска унија (УЕФА), позиција која досега никој во историјата не ја извршувал.

Оваа позиција е отворена практично за него, па Бобан ќе има големи овластувања и одговорност, зашто ќе биде задолжен за односи со фудбалските лиги и со клубовите, главен за ревизија на календарот, како и за усогласување на куповите и лигите и за управување со ВАР во натпреварувањата под капата на европската централа.

Хрватската легенда беше заменик генерален-секретар на светската организација ФИФА, каде мина три години, по што си замина од Цирих за да се пресели во Милан на повик на Паоло Малдини како спортски директор, но лошите односи со раководството на „росонерите“ практично го избркаа од миланскиот великан.