УЕФА одлучи: Ланската сензација во ЛШ, Шериф не смее да игра во Тираспол!

Ланската сензација во Лигата на шампионите, Шериф од Тираспол, каде играше и македонскиот репрезентативец Бобан Николов во новата европска сезона нема да може да игра во својот дом и ќе мора да бара алтернативно решение на неутрален терен, одлучи Европската фудбалска унија (УЕФА).

Извршниот комитет на УЕФА донесе одлука од безбедносни причини да не се играат мечеви во Тираспол, град во регионот Транснистриа, поради страв од воена ескалација, а од поодамна западните сили посочуваат дека овој регион може да биде искористен за руска агресија на јужна Украина и Одеса. Транснистриа е регион кој е руски и во него има руска армија.

УЕФА веќе побара од Шериф да најде алтернативно решение и стадион кој ќе ги исполнува условите на УЕФА за организација на европски мечеви, а забраната останува да важи до донесување на нова одлука.

Шериф во минатата сезона беше сензација во ЛШ откако првпат во својата историја успеа да обезбеди пласман во елитното друштво, а потоа го победи Реал Мадрид на „Сантјаго Бернабеу“ со 2-1. Мостарски Зрињски, шампионот на БиХ е прв противник на Шахтер во евроквалификациите кои стартуваат за десетина дена, ама молдавскиот првак веќе го распродаде комплетниот тим и од првотимците има само двајца во моментов.

УЕФА поради руската агресија ги исклучи руските клубови и репрезентации од своите натпреварувања, додека украинските клубови поради војната ќе играат на неутрален терен во новата европска сезона. Белорусите, пак, имаат исто така забрана за мечеви на домашен терен, но не се исклучени, иако помогнаа на почеток на руската агресија во февруари.