УЕФА не ја исклучува опцијата ЛШ да се доигра во еден град и тоа да не е Истанбул!

Откако се појавија еден куп различни сценарија за доигрување на сезоната во Лигата на шампионите во август годинава, после завршување на прекинатите национални првенства, последна најава е дека финалето во европската елита многу веројатно е да не се игра во Истанбул.

Од Нион, веќе и не кријат дека разгледуваат низа сценарија, а едно од тие е од четвртфиналната рунда, па се до финалето, да се играат во еден град како – фајнл-ејт (Ф8). Германија или Лисабон беа посочени како опции вчера низ европските медиуми, а синоќа германски „Скај“ објави дека Москва е еден од најсериозните кандидати за организација. Проблем за УЕФА е фактот што низа земји и понатаму имаат ригорозни мерки за влез во земјата (се бараат карантини од 14 дена), а на пример Англија не го вклучи фудбалот во повластените за избегнување на вакви мерки. УЕФА за агенцијата АФП посочи дека „сите опции се во игра и ниту едно сценарио не е исклучено“.

„Ги разгледуваме сите можни опции, сите можни варијанти како би се доиграла сезоната, по каков формат. Работната група постојано е во контакт со клупската асоцијација. Во моментов нема конечна одлука, но сите опции се отворени. Конечната одлука ќе биде на 17 јуни на состанокот на Извршниот комитет“, објавија од Нион.

Според драфт-верзијата за ЛШ, во секоја од опциите за доигрување на сезоната , 29 август е терминот за финалето, ама сега се појавија информации дека Истанбул нема да биде домаќин на финалето, а со тоа и на севкупната завршница по скратен систем, туку УЕФА ќе бара решенија во градови и земји каде заразата и проблемот со Ковид-19 беше многу помал во однос на Турција, во која 4.400 луѓе го загубија животот, а над 160.000 беа заразени. Според најавите, форматот за ЛШ би требало да биде истиот и за Лига Европа, ама веројатно Гдањск ќе остане домаќин за завршната рунда од четвртфиналето, па се до финалето, додека претходно ќе треба само да се доиграат осминафиналните реванши во двете натпреварувања.

Најверојатно, ако Истанбул извиси за годинешното финале, овој град ќе ја добие организацијата на финалето во ЛШ за 2024 година, бидејќи европската централа веќе избра три градови за организација во периодот од 2021 до 2023 – Санкт Петербург, Лондон и Минхен.