УЕФА му го зема финалето во ЛШ на Истанбул, па сега за компензација им го дава Суперкупот!?

Втора година по ред Истанбул извиси за финалето во најпрестижното натпреварување Лигата на шампионите, откако пред неколку дена официјално УЕФА го однесе завршниот меч повторно во Португалија, но за разлика од лани кога се играше во Лисабон, сега домаќин ќе биде „Драгао“ во Порто.

Истанбул настрада повторно поради актуелната пандемија со коронавирус и зголемените бројки на заразени, по што Велика Британија ја стави Турција на црната листа, а со тоа само иницираше да биде одземено финалето, но Англичаните не успеаа во намерата да си го донесат англиското финале помеѓу Манчестер сити и Челси на Островот.

И сега откако УЕФА пак го извиси Истанбул, во Нион бараат начин како да му компензираат на турскиот град за ова, па последно е дека ќе им понудат да го организираат годинешниот Суперкуп во август, кој првично треба да се одржи во Белфаст.

Но, прашање е дали Истанбул би се задоволил со ваква „компензација“, иако „Би-Би-Си“, посочи дека многу извесно е ваквото сценарио и наскоро би требало да има конечна одлука. Во Суперкупот играат победниците во ЛШ и Лига Европа, а мечот треба да се одигра на 11 август. Во 2017 година Скопје беше домаќин на ваков меч.

Во финалето во ЛШ, Сити и Челси ќе се пресметаат на 29 мај, а три дена претходно на 26 мај ќе играат Манчестер јунајтед и Вилјареал во финалето во Лига Европа, па дури е можно градско дерби во Суперкупот, ако Сити и Јунајтед ги освојат двата највредни трофеи.

Инаку имаше најави дека 20-на милиони евра како отштета би можел да добие Истанбул за одземеното финале, додека потоа се појавија други информации за можна организација на финалето во 2023 година. Лани, турскиот град извиси откако УЕФА доигрувањето на сезоната во август ја направи во „балон“ во Лисабон.