УЕФА ја одби Германија: Стадионот не смее да биде осветлен во боите на виножитото

Утре на стадионот „Алијанц“ во Минхен, Германија ќе ги одмери силите со Унгарија во рамки на последното коло во групата Ф, а УЕФА го одби барањето на домаќинот да го осветли фудбаслкиот храм во боите на виножитото. 

УЕФА смета дека овој потег е директна политичка порака кон Унгарците. Градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер изјави дека сака стадионот да биде осветлен во боите на виножитото како протест против унгарските власти кои донесоа закон со кој се забранува дистрибуција на материјали во училиштата со кои се промовира хомосексуалноста и менувањето на пол.

„УЕФА во својот статут е политички и религиозно неутрална организација. Со оглед на политичкиот контекст на ова барање, тоа е порака која е директно насочена кон одлука донесена од унгарскиот Парламент, па затоа УЕФА мора да го одбие ова барање“, стои во соопштението на УЕФА.

Голманот на германската репрезентација Мануел Нојер на дуелот против Франција на својата рака носеше капитенска лента со боите на виножитото, како подршка за ЛГБТ заедницата, но УЕФА не го казни, бидејќи тоа не било политичка порака.