УЕФА го суспендира лиценцирањето за новата сезона!

Европската фудбалска унија (УЕФА) го суспендираше лиценцирањето за новата европска сезона 2020/21, поради актуелните настани поврзани со кризата со која се соочуваат клубовите поради пандемијата од коронавирус.

УЕФА помалку и нејасно објави дека се суспендираат одредени одредби кои се однесуваат на подготовката и проценката на идните финансиски информации и оваа „суспензија“ важи само за претстојната сезона, за која е неизвесно кога ќе почне, а нема ни точни датуми кога актуелната би продолжила да се доигра и кога би завршила.

На денешната видео-конференција, УЕФА ги одложи баражите, а и европските клупски мечеви, за да остави простор за доигрување на сезоната, а откако ќе се завршат сите првенства, дополнително ќе образложи како ќе стартува новата евросезона.

„Извршниот комитет (состанок имаа на почетокот на март пред Конгресот во Амстердам – н.з.) ја повтори својата целосна заложба за лиценцирање на клубовите и финансискиот ферплеј, но се согласи и дека сегашните исклучителни околности бараат одредени специфични интервенции за олеснување на работата на националните федерации и клубовите. Тоа подразбира предлогот да им се даде повеќе време на националните федерации да го комплетираат клупското лиценцирање за следната сезона, се додека не се редефинира процесот за прием за клупските натпревари во натпреварувањата на УЕФА.

Како резултат на зголемената неизвесност предизвикана од актуелните вонредни настани, Извршниот комитет исто така реши да ги суспендира одредбите за лиценцирање околу подготовката и проценката на финансиските извештаи. Оваа одлука ќе се применува само за сезоната 2020/21“, стои во образложението на УЕФА.

ФФМ неодамна објави дека рокот за лиценцирање е пролонгиран до 30 април, но сега веројатно нема ни да го има, иако дополнително за овој процес ќе треба да се изјасни лиценцната комисија и да им објасни на клубовите. Ова најмногу важи за Вардар, кој веќе подолг период се бори со финансиските проблеми и дали заостанатите исплати од минатото може да бидат проблематични или тие ќе мора да се покријат, а актуелните да бидат „одложени“ барем за една година поради оваа ситуација.