УЕФА го одврза ќесето: Ц. Звезда ќе заработи помеѓу 20 и 25 милиони евра за настапот во ЛШ!

Европската фудбалска организација (УЕФА) ќе додели дури две милијарди евра на учесниците во Лигата на шампионите оваа сезона.

Поради ваквата информација, челниците на српскиот фудбалски шампион, екипата на Црвена Звезда, веќе започнаа да тријат раце, бидејќи „црвено - белите“ ќе заработат најмалку 20 милиони евра.

Според извештаите, на шампионот на Србија му следуваат загарантирани 15,2 милиони евра, само како учесник во групната фаза во ЛШ, плус дополнителни два милиони врз основа на 10-годишен коефициент, но и разни приходи од продажба на билети, маркетинг, ТВ - права...

Кога се ќе се сумира без понатамошен настап во нокаут фазата, Црвена Звезда ќе има приход од 20 до 25 милиони евра.

Секоја победа во групната фаза се вреднува со 2.7 милиони, додека за бод клубот ќе инкасира 900.000 евра.

Со евентуален пласман во осминафиналето УЕФА ги наградува клубовите со дополнителни 9.5 милиони евра, додека четвртфиналето носи 10.5 и полуфиналето 12 милиони евра.

Учесникот во финалето ќе заработи 15 милиони евра, а освојувањето на титулата на еден од клубовите ќе им донесе дополнителни 19 милиони евра. Дополнителни пари ќе се добијат и за учество во европскиот Супер куп (3.5 милиони евра), а победа на овој меч се наградува со дополнителен еден милион евра.

Кога се ќе се собере УЕФА ќе потроши две милијарди евра на учесниците во Лигата на шампионите и половина милијарда евра за Лигата на Европа, додека самата заработка на организацијата ќе биде повеќе од три милијарди евра.