УЕФА даде „зелено светло“: Стадионите се отвораат за навивачи, ако тоа го дозволуваат властите!

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска и официјално даде „зелено светло“ за отворање на стадионите за мечевите под нејзина капа, почнувајќи веќе од идната недела кога на програмата се мечевите на репрезентациите, но секаде нема да има гледачи, туку само онаму каде што државните власти тоа го дозволуваат.

Суперкупот на Европа, кој неодамна се одржа во Будимпешта беше прв под капата на УЕФА со навивачи во оваа корона-криза и „тестот“ беше успешен, по што УЕФА реши да ги отвори стадионите, но услов за да има присуство на публика сега е на државните власти, па фудбал ќе може да гледаат засега само во земјите каде е тоа возможно, нормално со ограничвања на бројот на присутни и почитување на здравствените мерки.

Како што објави УЕФА, капацитетот на стадионите ќе може да се исполни до 30 отсто (ова зависи и од локалните власти до колкав број на посетители имаат ставено лимит), но нема да смее да има гостински навивачи.

„Денешната одлука е сензитивна, но е прв чекор за враќање на навивачите, но истовремено и почитување на локалните закони во секоја земја. Додека се бориме со невидливиот непријател ковид-19, секоја земја има различен пристап и различни закони и ова е една одлука која е флексибилна, која дозволува да има гледачи, ама истовремено и ги почитува локалните закони. Се надевам дека во овие тешки времиња, многу е важно да се врати надежта и страста за фудбалот, а јас на сите навивачи им порачувам да се однесуваат одговорно и да ги почитуваат сите мерки за заштита“, рече Чеферин.

Иако УЕФА донесе одлука за отворање на стадионите, тоа за Македонија не значи премногу, зашто на сила уште е забраната за присуство на гледачи на спортските натпревари, донесена уште од пред неколку месеци, кога повторно се реактивираше спортот. Ова значи дека Македонија – Косово, историскиот бараж за пласман на Евро 2020, ќе се игра без публика како што стојат работите во моментов.