УЕФА била предупредена: Откриени детали за „местенката“ ПСЖ – Ц. Звезда

Откако угледниот француски спортски весник „Л'Екип“ објави дека висок член на Црвена Звезда се обидел да уплати пет милиони евра за белградскитот гигант да загуби со пет разлика од Пари Сен Жермен (1-6), аферата не стивнува и во Франција и во Србија, а двата клуба демантираат било какви нелегални активности и договарања за да се намести мечот.

Новинарите од „Л'Екип“ објавија дека информациите за истрагата и наводната местенка им се проверени од три извори, а потврдени и од УЕФА и од француската полиција, дека постои истрага за нерегуларности околу обложувањето, но се оградија дека „тврдат оти мечот е – наместен“.

И денеска српски „Информер“ објави детали од наводната „местенка“ во Париз, за која била предупредена Европската фудбалска унија (УЕФА) една недела пред мечот. Наводно, УЕФА била предупредена дека постои опасност да се намести мечот, па поради тоа од Нион дуелот го следеле со многу поголемо внимание. И од тоа што заклучиле, е дека дефанзивецот Филип Стојковиќ, кој патем е репрезентативец на Црна Гора, имал дури 29 неточни додавања и сето тоа им предизвикало големи сомнежи. Наводно и Стојковиќ е под истрага во целата оваа афера.

Дојавата етичката комисија на УЕФА ја добила од анонимен извор дека мечот е „наместен“. Во моментов Црвена Звезда го бара „кртот“, кој кажал дека мечот е наместен, а од таборот на белграѓани најавија дека се сомневаат во едно лице, но не го соопштуваат неговиот идентитет.

Веснкот потенцира дека преку стотина уплати од по над 5.000 евра биле регистрирани на овој натпревар, за Црвена Звезда да загуби со пет разлика, но алармот се вклучил во ист момент кога во неименувана азиска обложувачница имало обид да се уплатат одеднаш 200.000 евра на истата игра – ПСЖ победува со пет голови разлика.

Од Белград најавија тужби за клеветите, иако од угледниот весник посочија дека имаат потрди од низа релевантни извори. Од ПСЖ исто така демантираат дека челници на клубот договарале било каква фудбалска малверзација со резултатот.