Тотнем го урна „кралот“, може ли да го суреди и европскиот вицешампион?

Битката за најпрестижниот трофеј, „големите уши“ во Лигата на шампионите, почнува вечерва со два од осумте двомечи во кои најдобрите 16 екипи ќе се требат меѓусебе на патот до Киев и финалната битка за сребрениот трофеј и тронот – европски првак.

И додека сите ги очекуваат двата мегаспектакли, утрешниот на Реал Мадрид со Пари Сен Жермен и тој идната недела помеќи Челси и Барселона, вечерва (20.45 часот), два англиски премиерлигаши Манчестер сити и Тотнем имаат гостински предизвици, од кои барем на хартија за „граѓаните“ е полесен предизвикот со дуелот кај Базел, во однос на лондончани кои се соочуваат со најтрофејниот италијански клуб и двоен европски првак Јувентус, инаку лански финалист.

Манчестер сити има неверојатна сезона, предводен од Пеп Гвардиола, па рекордите во Премиерлигата овој тим почна како од шала да ги урива, а на добар пат е да стане и рекордно најбрз шампион на Островот. Сити без поголем проблем ја мина и групната фаза, но сега ќе го имаа првиот поголем предизвик против Базел, не затоа што Швајцарците се преквалитетни, туку поради фактот што есеноска успеаа да го изненадат Манчестер јунајтед.

„Во ЛШ, Базел игра со петмина во дефанзива и на тој начин имаа извонредни настапи во групната фаза. Да не се лажеме дека ќе биде лесно, затоа што се силни и добро органзиирани во дефанзива и чекаат шанса на контранапади. Јас им кажав на моите фудбалери дека ќе биде многу тешко, особено тука во Базел. Но, ние имаме самодоверба, а целта е да стигнеме што е можно подалеку во однос на минатата сезона. Ова значи дека целта е најмалку да го минеме четвртфиналето“, вели Гвардиола.

За разлика од Манчестер сити, за кои цела јавност очекува дека пласманот во четвртфиналето нема да биде доведен во прашање, а Базел лесно ќе биде поминат, многу потешка задача е исправена пред Тотнем, едно од изненадувањата во првиот дел од сезоната, откако лондончани во групата завршија пред европскиот првак Реал Мадрид, победувајќи го во Лондон, а ремизираќи во Мадрид. Сега пред Тотнем е преголем предизвик, да се елиминира десеткуваниот Јувентус. „Старата дама“ не е така убедлива сезонава, иако во Серија А нема проблеми да врзе серија на победи, но за разлика од претходните сезони, во оваа италијанскиот гигант е далеку поскромен.

Сепак, никој никогаш однапред бе ги отпишал „бјанконерите“, а како и секојпат, типично италијански, прва цел на Јувентус е да не прими дома гол.

„Мора да играме интелигентно, технички и не смее да примиме гол. Нема да играме на 0-0, но мора да бидеме внимателни. Знаеме каква сила има Тотнем во нападот, особено таа четворка која е полна со квалитет. Мора да играме технички, затоа што не можеме да се тркаме со нивната физичка подготвеност. Мора посебно да внимаваме на тоа“, вели Масимилијано Алегри.

Тотнем со победа во градското дерби со Арсенал се загреа за дуелот со Јувентус, во сезонава во која, лондончани исто така играат топло-ладно, па до крајот на сезоната ги очекува пеколна битка за место во ЛШ. Англичаните се полни со самодоверба дека кога може да се носат со европскиот првак, тогаш може и со вицешампионот на Европа.

„Невозможно е да се споредува историјата на Тотнем со таа на Јувентус, кој играше две финалиња во последните три сезони. Но, ние имаме добар план и сакаме да искачиме ново ниво. Вечерва ќе видиме дали може да бидеме конкурентни. Мора да играме со многу мотивација, енергија, жар и желба. Не смее да ги рушиме нашите принципи. Без агресивност, храброст и почит кон противникот, не може да очекуваме успех“, вели Маурицио Покетино, менаџерот на лондончани.

Двата меча се закажани за 20.45 часот.

НАЈАВЕНИ СОСТАВИ

БАЗЕЛ – МАНЧЕСТЕР СИТИ

Базел: Вачлик – Лакрои, Суши, Баланта, Ланг – Фреи (Зуфи), Џака, Петрета – Елјунауси, Ван Волфсвинкел, Оберлин

Манчестер сити: Едерсон – Вокер, Отаменди, Лапорт, Зинченко – Фернандињо, Б. Силва, Д. Силва, Де Брајне, Стерлинг – Агуеро

ЈУВЕНТУС – ТОТНЕМ

Јувентус: Буфон – Де Шиљо, Бенатија, Кјелини, Алекс Сандро – Кедира, Пјаниќ, Стураро – Даглас Коста, Игуаин, Манџукиќ

Тотнем: Љорис – Типер, Санчез, Вертонген – Сон, Дембеле, Диер, Дејвис – Ериксен, Деле Али - Кејн