Тотална изолација за екипите кои ќе играат ЛШ во Лисабон – излегување само за тренинг или меч!

Португалската престолнина Лисабон ќе биде домаќин на завршниот фајнлејт-турнир во Лигата на шампионите од 12 до 23 август, каде низ брз филтер на елиминациски мечеви од четвртфинале до финале ќе се добие новиот европски првак, откако Атлетико Мадрид уште во февруари го детронизираше последниот шампион на Стариот континент, Ливерпул.

Бидејќи глобалната пандемија со коронавирус влезе во втора фаза во која повторно загрижувачки се шири коронавирусот во одредени региони, а Лисабон повторно е на удар со зголемен број на заразени, осумте екипи кои ќе играат на завршниот турнир ќе бидат тотално изолирани од безбедносни причини и практично ќе имаат досега невиден карантин.

Европската фудбалска унија (УЕФА) веќе го подготвила протоколот за завршницата од најелитното натпреварување, во кое осумте тима не смеат да имаат никаков контакт со надворешниот свет, па излегувањето практично ќе им биде само кога ќе одат на тренинг или на мечот што треба да го играат.

Според протоколот, секој тим ќе има свој ексклузивен хотел во кој ќе бидат сместени, а таму нема да смее да влезе буквално никој освен персоналот на тимот и делегацијата на клубот. Други гости нема да имаат пристап. Сите екипи кои ќе дојдат во Лисабон и ќе бидат сместени во хотелите, ќе мора да бидат во стриктна изолација, нема да смеат да излегуваат, а ќе имаат исклучиво патувања од хотелот со местото каде што ќе тренираат и назад до хотелот, или кога ќе биде денот за меч, од хотел до еден од двата стадиони и назад.

За секој тим, португалската федерација во соработка со власта и УЕФА подготвила терен за тренинзи на секој тим поединечно, што значи дека ниту еден клуб нема да тренира на место на кое претходно тренирал друг клуб. Веќе и познати се тренинг-центрите за осумте четвртфиналисти.

Лигата на шампионите се рестартира со четирите реванши во осминафиналето за да се комплетираат екипите што ќе играат во Лисабон. Мечевите се на 7 и 8 август, а домаќини се Манчестер сити на Реал Мадрид, Барселона на Наполи, Јувентус на Лион и Баерн Минхен на Челси. Четвртфиналисти уште од февруари се Аталанта, ПСЖ, Лајпциг и Атлетико Мадрид.

Веднаш по мечевите победниците ќе се упатат кон Лисабон, каде после два дена ќе следува почетокот на разврската сезонава со четвртфинални пресметки од 12 до 15 август, полуфиналињата се закажани за 18 и 19 август, а финалето на „Луж“ на 23 август. Сите мечеви ќе се играат од 21 часот. Поради безбедносни и здравствени причини, средбите ќе се играат без гледачи како и комплетното доигрување на актуелната сезона во најсилните европски лиги, кои се пред крајот на својата пролонгирана сезона.