Србија не се ни пласирала на ЕП, а Шкотите се тресат од можна - „балканска војна“

Северниот сосед Србија, како и Македонија преку плејофот во Лигата на нации ќе бара виза за пласман на Евро 2020, но иако „орлите“ не се сигурни за настап на континенталниот шампионат, во Шкотска веќе се тресат ако стигнат до место на турнирот, зашто ќе треба да спречат - „балканска војна“.

После ждрепката во Букурешт пред десет дена за групната фаза на Евро 2020, Србија со пласманот ќе се најде во „островската група“ со Англија, Чешка и Хрватска, а мечевите ќе се играат во Лондон и во Глазгов. Поради тоа што Англија сите мечеви ќе си ги игра на „Вембли“, јасно е дека евентуалната пресметка Србија – Хрватска ќе биде на „Хампден парк“. А, Шкотите уште отсега им се крева коса по самата помисла дека можно е да угостат таков меч.

Глазгов е една од најголемите десет фудбалски престолнини кога станува збор за градските дербија. Популарното дерби „Олд фирм“ помеѓу Селтик и Ренџерс е најстаро на светот, жестоко, тензично, многу често проблематично, ама за Шкотите јасно е дека е ништо во споредба со евентуална пресметка на Србите и Хрватите.

„Србите и Хрватите толку се мразат, а често не играат меѓу себе, па на 'Хампден' може да биде – гадно. Плус, мечот е во вечерен термин, што значи навивачите може да пијат цел ден. Тоа би било илјада пати полошо од нашето 'олд фирм' дерби. А, башка што навивачите ич не се плашат од полицијата, па често знаат да ја нападнат...', коментираат шкотските медиуми.

За Србија да се пласира на Евро 2020 прво во полуфиналето ќе мора да ја помине Норвешка, а потоа во Белград да ја вади визата со подобриот од дуелот Шкотска – Израел.