„Срамота е како Шкупи влезе во Европа - Нефчи и Карабах без мака ќе поминат“

Човекот кој во Битола го донесе куп-пехарот во 2017 година, а потоа беше кормилар и на Македонија ЃП, Наџи Шенсои, за азербејџанските медиуми посочи дека Карабах и Нефчи без проблем ќе ги минат Силекс односно Шкупи во европресметките во квалификаците за ЛШ и Лига Европа, додека Сумгаит ќе има потешка задача со Шкендија во три од четирите дуели на македонските европреттавници со Азербејџанците.

Но, пред да ги изанализира македонско-азербејџанските дуели, Шенсои на Азербејџанците им објасни како срамотно чаирски Шкупи, кој за сезонава има амбиција да биде и првак во Македонија, стигнал да игра во Европа.

„Во Македонија прв беше Вардар, но поради финансиските проблеми не доби лиценца за да игра во ЛШ, па така Силекс како втор го зема нивното место за учество. Слично Шкупи, кој беше петти стана четврти претставник во Европа, иако со 'мојата' Македонија ЃП имаа ист број на бодови, но федерацијата (ФФМ – н.з.) имаше нефер пристап кон сето ова. Наместо врз база на меѓусебните дуели ('лавовите' беа подобри – н.з.), во предвид беа земени генералните индикатори (гол-разликата – н.з.) и според нив Шкупи беше подобар. Ваква неправда и срам не сум видел во својата долгогодишна кариера. Поголема никогаш нема ни да има“, вели Шенсои.

Според него, нема дилема за Карабах и Нефчи дека ќе одат во второто коло, додека за Сумгаит со Шкендија, прашањето за победник е отворено.

„Ако зборуваме за шансите, Нефчи и Карабах без дилема ќе поминат, додека Сумгаит ќе мора да ја покаже сета своја сила, па дури и повеќе ако сака пласман. Силекс нема шанса со Карабах, кој има и подобар тим и поголемо искуство во Европа, па сè останува на тоа каков пристап ќе имаат. Во фудбалот сè е можно, но ако има потценувачки простап, Карабах може да има проблем. Силекс нема некој посебен играч кој може да направи проблем, но добри се како тим, играат на контранапади зошто имаат брзи крила. Шкупи има нов тренер во досегашниот играч Муарем Бајрами и предност за Нефчи е што тој нема искуство. Нефчи дома е голем фаворит. За Сумгаит, штом играат во Европа, значи дека имаат квалитет, но немаат искуство во споредба со Шкендија. Шкендија после Вардар е најсилна во Македонија, но не е така силна како пред низа години. Сепак, таа е фаворит и на Сумгаит ќе му треба најдобриот меч за да ги помине“, додава Шенсои.

Овој тренер, роден во Призрен е поранешен кормилар на многу клубови во Турција, Бугарија (Пирин, Вихрен, Локо Пловдив), Србија (БСК Борча), Албанија (Кукс)...