„Скај Спорт“: Гатузо има голема доверба во Елмас, ама против Барса ќе го седне на клупа!

Македонскиот бисер Елиф Елмас, кој конечно ја доби довербата од Џенаро Гатузо и стандардно игра за Наполи, вечерва веројатно нема да почне од почеток против шпанска Барселона на „Сан Паоло“ во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите, најави италијански „Скај Спорт“.

Според овој италијански медиуми, Гатузо има голема доверба во Елмас, но сега ќе го седне на клупа и ќе биде дванаесети играч, односно прва опција за да влезе во игра во зависност од резултатот на мечот против Каталонците. Популарниот Рино во последно време од уста не го вади Елмас и постојано му дели пофалби, откако македонскиот репрезентативец постигна сефте гол во Калчото, а потоа кога и да доби стартерска улога беше амајлија за победа.

Веројатно Гатузо против Барса ќе тргне со поинаква стратегија во која цврстата одбрана и доброто маркирање во средината ќе треба да го затворат Лионел Меси. Бидејќи Елмас е флексибилна опција, па тој може да игра како полу-крило, но и високо напред како крило (два меча играше на таа позиција), на Гатузо му остава простор да го употреби во одреден дел од мечот, најавува „Скај Спорт“.

Дали тренерот на Наполи ќе тргне како што замислил и како што објавуваат меидумите или во последен момент ќе се реши за поинаква опција, па и Елмас како стартер ќе се знае час ипол пред мечот кога ќе го објави списокот со 11-мината што ќе ѝ се спротивстават на каталонската гордост.