Шкендија се вади за срамот во ЛШ: Ќе го покажат тетовци квалитетот или пак ќе се изгорат?

После срамната елиминација во квалификациите за Лигата на шампионите од ерменски Номе Калју, македонскиот првак Шкендија денеска (17.55 часот, Национална Арена „Тодор Проески“) ќе се обиде да се извади за бламажата и да направи прв чекор кон третото коло во квалификациите во Лига Европа против луксембуршки Дуделанж.

Тетовци пред себе имаат многу посериозен ривал во однос на Номе Калју, зашто Дуделанж, иако доаѓа од „аматерска лига“ во минатата година стигна до историски настап во групите во најмасовното натпреварување, а на патот успеа да ја елиминира и полска Легија. Затоа и Шкендија ќе мора да биде трипати подобра, ако сака да се надева на успех и продолжување на летната авантура во која учествуваат само поради реформите на УЕФА од пред две години.

Јасно е дека црвено-црните ќе мора да го сменат пристапот и во мечот да влезат агресивно и концентрирано, зашто во минатата недела добро се изгореа од Естонците само поради потценувачкиот однос и фактот дека со „главите веќе беа во двомечот со Селтик“.

„Тоа што сигурно мора да го смениме и ќе го смениме е пристапот. Тој пристап беше една од клучните наши грешки за поразот и елиминацијата од Номе Калју. Шкендија мора да биде агресивна и концентрирана и во напад и во одбрана. Очекувам дека овојпат ќе бидеме подобри, иако пред себе имаме тим кој не е слаб, кој сака да игра фудбал и тим што лани играше групи во Лига Европа“, најавува тренерот Ќатип Османи.

Македонскиот првак пред Дуделанж доби силна мотивација да стигне до четврти настап во плејофот, зашто после луксембуржаните ги очекува веројатно нов двомеч со Номе Калју и шанса за одмазда. Јасна беше разликата во квалитет помеѓу Шкендија и Естонците, но пресуди потценувачкиот однос и заситеноста на тетовци за нивна елиминација, што веројатно во нов дуел тешко дека првакот би ги повторил истите грешки. Сепак, за да се размислува за плејоф, прво Шкендија треба да ја сработи домашната задажа со Дуделанж и повторно да не се посрамоти.

Ако фудбалерите предводени од двоецот Ибраими, Жуниор, Радески, Муслиу, Захов и останатите ја научиле лекцијата од пресметките со Номе Калју, денеска ќе треба тоа да го докажат. Ако не, јавноста ќе добие признание дека Шкендија е само многу преценет тим.