Шкендија пред елиминација од Европа: Тетовските комедијанти пак се изрезилија

Една недела после срамната елиминација во воведното коло во Лигата на шампионоте, македонскиот првак Шкендија повторно се изрезили и денеска со пресврт загуби на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје со 1-2 од луксембуршки Дуделанж, па се најде на чекор да ја заврши европската авантура во која тргна преамбициозно со најава да игра групна фаза.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Тетовци и денеска покажаа дека се тешка мизерија, па успеаа за четири минути од предност и неколку добри шанси за да го дуплираат водството, да го загубат мечот и сето тоа поради нејасното коцкање на тренерот Ќатип Османи со голманот. Османи реши да го остави Костадин Захов на клупата, а шанса да му даде Беким Реџепи, кој практично и го реши победникот.

Во 64-та минута успеа толку лошо да ја процени топката при излетувањето да ја скрати, па таа го прескокна за Бетаиеб лесно да израмни, а четири минути подоцна и да направи пенал, кој го реализира Синани за комплетен пресврт откако Шкендија поведе уште во седмата минута со гол од пенал на Агим Ибраими.

Старата болка на Шкендија повторно се виде, себичност, недисциплинираност, себичност во акциите, па и малкуте шанси кои ги направија и тоа само поради лошата одбрана на луксембуржаните и постојаното форсирање на игра пред шеснаесетникот „а ла Арсенал“ која им овозможуваше лесни противнапади на домаќините. Но, и во неколкуте контри, тетовци делуваа почетнички, па наместо сигурна реализација, успеваа ситуацијата да ја усложнат и да не дојдат ниту во обид да го погодат голот. Дека Шкендија е таква мизерија е податокот дека и трет меч по ред, големиот макеоднски шампион, кој доминира две сезони не може да даде гол од игра. Трет меч по ред тетовци даваат гол од пенал (трипати реализира Агим Ибраими).

Новиот пораз на Шкендија само покажа дека македонскиот фудбал и тоа како сериозно заостанува дури и зад луксембуршкиот, за што за 90 минути, Дуделанж одигра модерен фудбал, со многу конкретни акции, брзи разигрувања и отворања во средината, а само завршните додавања им беа маана за уште повеќе да се заканат кон голот на Шкендија.