Ако испадне од ТНС: Шкендија може да игра со тим од Косово во Лига Европа!

Македонскиот фудбалски шампион Шкендија ќе игра со аутсајдер во второто коло од „шампионската група“ во квалификациите за Лига Европа, ако тетовци не успеат да го минат првото коло во Лигата на шампионите.

На тетовци им се падна финалистот од претквалификациската рунда во Лигата на шампионите, а таму играат екипите од четирите по рејтинг најслаби земји, па сега Шкендија ќе го чека ривалот од Санта Колома (Андора), Линколн (Гибралтар), Ла Фиорита (Сан Марино) или косовска Дрита. Евентуалните дуели на програмата се на 26 јули односно 2 август.

Претходно Шкендија за првото коло во ЛШ ќе игра со велшки ТНС, а од тој двомеч ќе зависи каде ќе продолжи, дали во второто коло во ЛШ и дуел со молдавски Шериф Тираспол или Торпедо Кутаиси од Грузија, или во второто коло во Лига Европа против еден од најголемите аутсајдери, кои доаѓаат од претквалификациската рунда.

Првпат УЕФА воведува ваков систем, за шампионите уште по првото коло од ЛШ да може да се преселат во послабото натпреварување Лига Европа, па Шкендија денеска дозна еден сигурен ривал и два можни.

Останатите македонски европретставници, Вардар, Работнички и Шкупи утре од 13 часот ќе ги дознаат своите ривали за првото и второто квалификациско коло во Лига Европа, што е првпат ждрепките за ЛШ и Лига Европа се одвоени во два различни денови, а не како до лани во ист ден.