Шаќири: Заслуживме да поминеме, но пеналите се – лотарија!

Македонската легенда Артим Шаќири, тренерот на Шкендија посочи после болната елиминација на пенали од АИК Стокхолм, дека тетовци заслужиле да поминат во плејофот по сѐ покажано во двомечот, но не секогаш подобриот победува.

Три од петте пенали ги промаши Шкендија и не успеа да влезе во плејофот, иако летово не загуби на ниту еден од шесте меча, па затоа и болката е поголема за бившиот македонски првак.

„Јас сум горд за сѐ што покажавме, а тоа е дека знаеме да играме фудбал, да бидеме рамноправни со сите. Иако заслуживме да бидеме победници на двата меча, не секогаш подобриот победува, а кога станува збор за пеналите, тоа е среќа и лотарија. Никогаш не си сигурен во голот и тоа нам ни се случи, испаднавме од Европа, но од утре ќе размислуваме за следните предизвици“, рече Шаќири.

Кормиларот на црвено-црните посочи дека Шкендија гради тим на долг рок и очекува дополнителни освежувања и засилувања за предизвикот во домашниот шампионат.

„Градиме еден тим на долг рок, ќе има освежувања, ќе има и засилувања. Подготвуваме една Шкендија за подолги стази. Животот продолжува, Хасани е капитен, јасно е дека е разочаран...“, додаде Шаќири.