Македонскиот шампион Шкендија за само седум дена го заврши настапот во Лигата на шампионите, откако денеска шокантно изгуби од естонски Номе Калју во Скопје со 1-2 и испадна од квалификациите за европската елита, поради повеќето примени голови дома, иако триумфираше во Естонија со 1-0. Шкендија со ова сега ќе го продолжи европскиот настап во квалификациите за Лига Европа, а спектаклот со Селтик ќе остане само сон за тетовци.

НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Мизеријата на македонскиот домашен фудбал денеска кулминира со елиминацијата на „моќната Шкендија, која се сопна од најслабиот можен ривал, кој за 180 минути не покажа ништо фудбалски, ама во Скопје даде два гола и ги потопи тетовци. Лилиу во 90-та минута ја казни арогантноста на Шкендија, која се изнапромашува во второто полувреме. Свирежите за фудбалерите на Шкендија од навивачите беше јасна порака за ужасниот меч и елиминацијата.

Шкендија силно најавуваше атак на групната фаза дури и во ЛШ, ама мора да се помири дека е далеку и од европскиот просек.

Тетовци денеска ја измачија топката, ги измачија гледачите со играта и цел еден час, не знаеа што да направат за да ја пробијат доброорганизираната одбрана на гостите, а кога дојдоа во ситуација да израмнат, почнаа да промашуваат и на крај сето тоа гостите на најболен начин го казнија- со гол во 90-та минута. Блиску беше Шкендија на мускули да се пласира понатаму, но Лилиу на истекот на регуларното време погоди за да ја замолкне Арената „Тодор Проески“.

Агим Ибраими од пенал во 61-та минута израмни, а претходно Масимилијано Уге погоди за водство. За цел еден час до голот на Ибраими, Шкендија се изнаигра со топка, но без идеја што сака да направи и само пет моменти беа опасни за Естонците. Една единствена во првиот дел пред полувремето по слободниот удар на Бесарт Ибраими, а потоа четири во воведниот период од вториот - неговиот дирек во 50-та минута, опасниот удар на Агим Ибраими, шутот на Гледи Мици, кој по одбраната на Павел Лондак заврши повторно во дирекот и испуштената шанса да се погоди на празен гол преку Ибраими во 59-та минута.

Откако Ибраими израмни, а на сите во Шкендија им падна камен од срцето, Шкендија уште посилно нападна, Ибраими погоди пречка во 68-та, Лондак одбрани уште трипати, бомбата на Алими (72), ударот на Ибраими (75) и зицерот на Жуниор (79), но во жестоката офанзива Естонците пропуштија шанса да ги казнат тетовци. Во 70-таминута Каспар Паур имаше зицер од три метри и го промаши целиот гол. Тоа како да не ги разбуди тетовци, па во финишот следеше шокот и вториот гол со глава.