Секулов нема ни 17 години, а денеска може да дебитира за Јувентус во младинската ЛШ! (ФОТО)

Иако екстраталентираниот Македонец во Јувентс, Никола Секулов сè уште нема ни 17 години, тој се најде на списокот на повикани фудбалери за генерацијата до 19 години на „старата дама“ и тоа во меч во младинската Лига на шампиони. Јувентус денеска му гостува на Јанг Бојс во последното коло, а Секулов добива шанса можеби и да дебитира во младинската елита.

Македонецот, роден во Пјаченца, кој веќе цела година го нема во македонскиот дрес, а заира за јуниорската селекција до 17 години на Италија на камп на федерацијата, се најде на списокот на патници за Швајцарија, каде денеска Јувентус од 14 часот ќе го игра својот меч во шестото коло. Тоа што е изненадувачки, но говори за големиот потенцијал на Секулов, е фактот што е најмалку две години помлад од своите соиграчи. Секулов во февруари догодина ќе наполни 17 години, па овој повик за младинската ЛШ и можноста таму да дебитира е уште еден голем мотив за него да продолжи да се развива во врвен фудбалер.

Секулов не е прв Македонец што ќе игра младинска ЛШ, зашто пред него за странски клубови играа уште многу други екстраталентирани фудбалери, но самиот факт дека со 16 години ќе игра со далеку постари врсници е – голем момент за него.

Инаку пред повеќе од месец и половина, кога од ФФМ објавија дека Секулов „поставувал услови и ултиматуми и одбил за игра за селекцијата до 17 години на Македонија“, младиот фудбалер беше на тренинг со сениорската екипа на Јувентус, тренирајќи заедно со Кристијано Роналдо, Миралем Пјаниќ, Марио Манџукиќ, Жоао Кансело, Џорџо Кјелини и останатите ѕвезди на италијанскиот великан.