Само Даблин не дал гаранции за навивачи на ЕП, па УЕФА им даде нов рок до 28 април

Само ирската престолнина Даблин не дала гаранции дека може да прими минимум 25 отсто од капацитетот на својот „Авива стадион“ за мечевите на Европското првенство летово, по што сериозно е загрозена организацијата на мечеви на континенталниот шампионат во овој град од 12-те претходно избрани, но УЕФА им дала нов рок за такви гаранции до – 28 април.

Според информациите на европските медиуми, 11 градови дале гаранции дека ќе примат навивачи на стадионите и тоа од четвртина капацитет, некои се надеваат и на повеќе ако се смири епидемиолошката ситуација со корона вирусот, но Ирците не можеле да обезбедат такво нешто, зашто проценките им се дека е премногу ризично.

„Фудбалската асоцијација на Ирска (ФАИ) на препорака на Владата ја информираше УЕФА дека поради актуелната пандемија со ковид-19 не е во можност да даде гаранции за минимум присуство на навивачи за ЕП кое летово треба да се игра, а Даблин е еден од домаќините“, објави ирската федерација.

Но, УЕФА реши овој рок за обезбедување на гаранции за минимален број на гледачи да го продолжи до 28 април, кога и другите градови може да обезбедат гаранции дека би можеле да угостат и повеќе гледачи од веќе најавените 25 отсто од капацитетот, откако УЕФА ја тргна забраната дека максимум присуство на мечеви на стадионите е до 30 отсто.

Ако Ирска не успее ни до крајот на месецов да гарантира дека може да организира мечеви со публика летово, веќе извесно е дека нема да биде домаќин на ЕП, откако УЕФА објави дека нема шанса континенталниот шампионат да се игра пред буквално празни трибини. Според последните информации многу веројатно е дека „Вајт Харт Лејн“ во Лондон, домот на Тотнем би можел да ги добие мечевите од Даблин или евентуално Манчестер со двата свој стадиони, „Олд Трафорд“ на Манчестер јунајтед односно „Итихад“ на Манчестер сити.