РТЛ: УЕФА има три градови кои може сами да го организираат Евро 2021?!

Делува како првоаприлска шега, но телевизијата РТЛ ги објави новите четири плана што Европската фудбалска унија (УЕФА) ги разгледува до мартовскиот состанок кога треба да реши како и каде ќе се игра Евро 2021, откако многу реално во овој момент е дека дебито на Македонија би можело да не биде на првично одредените локации – во Букурешт и Амстердам.

Според РТЛ, во моментов се разгледуваат четирите сценарија, врз база на податоците од епидемиолошката слика во градовите и земјите кои се избрани за организација на ЕП, но веќе многу медиуми, па и првиот човек на Баерн Минхен најавуваат промена на организацискиот формат и преместување на шампионатот во една земја. Но, во размислувањата на УЕФА, не е само една земја, туку и само еден град, а имало три опции. Нешто што првиот човек на швајцарскиот фудбал Доминик Бланк го побара и го најави неодамна во интервју.

Една од четирите опции, за кои објавува РТЛ повикувајќи се на истражување, но и на извори од Нион е дека во плановите на УЕФА е Евро 2021 да се игра само во Лондон, Виена или Лисабон, како опции или само во Северна-Рајна Вестфалија, регион од Германија, каде има доволен број на градови со добра инфраструктира и стадиони за да го угостат шампионатот.

Во другите три сценарија се кратење на бројот на домаќини од 12 на десет градови во десет земји, пет градови во пет земји или две-три земји со по неколку градови, кои би обезбедиле максимална безбедност и балон за сите учесници на континенталниот шампионат.

РТЛ пробал да ја исконтактира УЕФА за потврда на информациите, но од Нион како и вообичаено немале коментар, останувајќи на тврдењето од претходно дека во моментов се размислува само на организација на шампионатот според првично одреденото.

На 5 март е закажан состанокот на Извршниот комитет на кој УЕФА конечно ќе пресече, а во првичните опции за секој град подетално беа поставени четири опции и меѓудругото за присуство на гледачи од полни стадиони, па буквално до „балон“ со заклучени трибини.

Македонија ќе дебитира на Евро 2021 откако преку Лигата на нации обезбеди пласман, а според првичниот план треба да игра на 13 јуни со Австрија, на 17 јуни со Украина (двете во Букурешт), а на крај од групната фаза на 21 јуни со Холандија во Амстердам.