Роналдо стана рекордер по бројот на номинации за „Златната топка“

Најдобриот португалски фудбалер на сите времиња, Кристијано Роналдо, е повторно номиниран за „Златната топка“, награда која ја доделува списанието „Франс Фудбал“ за најдобриот играч во светот.

Франс Фудбал вчера објави список од 30 играчи кои се меѓу кандидатите за наградата, а за Роналдо повторно имаше место меѓу најдобрите.

Ова е шеснаесетти пат по ред тој да е номиниран, што е апсолутен рекорд. Од 2004 година, Португалецот е на списокот на играчи номинирани за „Златната топка“.

Во претходните 15 номинации, тој ја освои наградата пет пати, а се чини дека ќе мора да почека за шестата со оглед на тоа дека годинава главни фаворити за освојување се Вирџил ван Дајк и Лионел Меси.

Токму неговиот најголем ривал Меси неодамна го освои ова признание од ФИФА, а Роналдо не се појави ниту на церемонијата на доделување награди.

Минатата година наградата ја освои Лука Модриќ, кој овој пат не е меѓу номинираните.