Рома се враќа на старата формација: Да отвориме како со Барса и ќе го елиминираме Ливерпул!

Фудбалерите на Рома направија вистинска сензација кога пред неколку недели на навистина магичен начин успеаја да надополнат три гола негатива и да ја елиминираат Барселона во Рим.

Сега римјаните се речиси во идентична ситуација. Повторно победа од 3-0 ги води во следната фаза, а таа е последната, во финалето. Избраниците на Ди Франческо покажаа дека ништо не е невозможно против Барса, па ниту утре нема да се предадат така лесно.

„Доколку сакате да се натпреварувате со екипа каква што е Ливепрул, мора да постигнете гол што е можно порано. Така ќе ги воодушевите навивачите и ќе им дадете причина да ве туркаат кон успех. Играме реванш полуфинале од Лигата на шампионите пред 70 илјади луѓе. Сакам кај секој од нив да видам ентузијазам, желба да ги надминеме сопствените можности. Доколку биде така, сѐ е можно“, изјави тренерот Роберто ди Франческо.

Тренерот на Рома е свесен дека пред седум дена на „Енфилд“ згреши кога одлучи да настапи со 3-4-2-1 и утре ќе се врати на 4-3-3. Тоа значи дека Един Џеко, како централен напаѓач, на едната страна ќе делува Стефан ел Шарави, а на спротивната или Џенгиз Ундер или Патрик Шик.