Рома на крај убедлива, но немаше шанси: Ливерпул оди во финале! (ВИДЕО)

Екипата на Ливерпул е вториот финалист во Лигата на шампионите, која ќе се бори за пехарот против Реал Мадрид, во финалето во Киев, на 26 мај. Во реваншот од полуфиналето со Рома, Италијанците победија со 4-2, сепак недоволно за да го анулираат поразод од 2-5 од првиот натпревар.

Осми пат во своето постоење Ливерпул ќе се бори за европскиот трон, сосема заслужено, без разлика на поразот од Рома со 2-4. Црвените го покажаа оној жесток ритам со кој ја суредија Рома и во Англија (5-2), но само до одреден дел од натпреварот. Во, речиси, цело второ полувреме тактизираа, чекаа да заврши мечот и, веројатно, затоа Рома ја виде шансата да запне и, барем, да победи.

Џеко најави дека, можеби, „волчицата“ има капацитет за чудо вечерва, израмнувајќи на 2-2 во 52. минута, откако Ливерпул го контролираше и го доби првиот дел со 2-1. Мечот падна во продолжение, се додека Наинголан не погоди во 86. минута, со еден прекрасен удар од далечина. Судијата Дамир Скомина досуди и сомнителен пенал за Рома во 94. минута, па откако Наинголан и тоа го реализираше победата стана убедлива.

Претходно, Ливерпул беше подобар и со головите на Мане и на Вајналдум двапати поведуваше. Во меѓувреме Рома изедначи со комичен автогол на Милнер. 

На 26 мај Јирген Клоп ќе се обиде да му ја донесе шестата титула на Ливерпул во ЛШ (Европскиот куп) и да го запре Реал да стигне до својата 13-та.