Рома, Челси и Јувентус чекаат пласман во осминафинале, Ристовски ќе стартува и со Олимпијакос

Два италијански калчолигаши Јувентус и Рома, како и англискиот првак Челси денеска очекуваат пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите, во претпоследното коло кое е на програмата во мултимилионската елита во групите од А до Д.

Четири тима од оваа половина на групи во ЛШ веќе имаат осминафинална виза, Манчестер јунајтед (А), ПСЖ и Баер (Б), како и Барселона (Д). Вечерва најмаллку уште три екипи би можеле да обезбедат пласман меѓу најдобрите 16, а ако се сложат коцките, можно е да се знаат и сите патници.

Откако Манчестер го обезбеди осминафиналето, на „црвените ѓаволи“ им треба бод за сигурно прво место. Јунајтед гостува во Базел, кој поради подобриот меѓусебен дуел е во пол-позиција во однос на ЦСКА Москва за осминафиналето, но... На Базел за пласман му треба победа со Манчестер и кикс на рускиот тим, кој е домаќин од 18 часот на португалска Бенфика. Во секој друг случај, ако разликата помеѓу Базел и ЦСКА не е три бода (моментно имаат по шест бода), патникот ќе се решава во последното коло.

Откако ПСЖ и Баерн уште во минатото коло го решија прашањето за осминафиналето, денеска во своите мечеви со Селтик дома, односно Андерлехт на гости, единствено отворено прашање е кој ќе биде прв. Сооглед дека двата гиганти се големи фаворити, многу веројатно е дека ќе решава меѓусебното дерби за две недели, на кое Баварците бркаат два гола негатива за да имаат подобар меѓусебен скор. Математички, ПСЖ мое уште вечерва да биде прв само ако Баерн киксне во Брисел.

Челси и Рома се со една нога во осминафинале, но вечерва тоа треба да го потврдат. „Сините“ гостуваат во Азербејџан кај Карабах и потребна им е победа за сигурен пласман, иако во игра е и бод, но само ако Атлетико Мадрид, кој ја дочекува Рома не победи на „Ванда Метрополитано“. Рома, пак, со еден бод ќе го визира пласманот и за очекување е денеска во Шпанија да игра – типично италијански. Атлетико Мадрид со победа би го заверил местото во Лига Европа на пролет, но и ги задржал шансите за осминафинале, само ако Карабах направи сензација.

Каталонска Барселона е во осминафинале, а денеска го игра дербито со Јувентус, што е реприза од финалето во 2015 година во ЛШ, меч кој е многу позначаен за „старата дама“. На Барселона и треба еден бод за прво место, а на Јувентус победа сигурно ги носи во пролетните елиминации, иако и реми им одговара, само ако Спортинг Лисабон со македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој е најавен како стартер против Олимпијакос не победи на овој меч

ГРУПА А

ЦСКА Москва – Бенфика (18 часот), Базел – Манчестер јунајтед

ТАБЕЛА: Манчестер ј. 12 бода, Базел 6, ЦСКА 6, Бенфика 0

ГРУПА Б

ПСЖ – Селтик, Андерлехт – Баерн Минхен

ТАБЕЛА: ПСЖ 12 бода, Баерн 9, Селтик 3, Андерлехт 0

ГРУПА Ц

Карабах – Челси (18 часот), Атлетико Мадрид – Рома

ТАБЕЛА: Рома 8, Челси 7, Атл. Мадрид 3, Карабах 2

ГРУПА Д

Јувентус – Барселона, Спортинг Лисабон – Олимпијакос

ТАБЕЛА: Барселона 10, Јувентус 7, Спортинг Л. 4, Олимпијакос 1