Ристовски: Обезбедивме европска есен, одиме по пласман во ЛШ!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски, кој синоќа имаше асистенција за водечкиот гол на Динамо Загреб против Лудогорец во триумфот со 4-2, посочи дека ниту пресметката со Бугарите бил бизарен меч, ниту веднаш размислуваат за Бодо Глимт, зашто викендов ги чека – супердербито со Хајдук.

Динамо дојде на чекор до пласман во Лигата на шампионите и одлиниот норвешки првак, кој минатата сезона ја распарчи дома Рома на Жозе Мурињо со 6-1 е последната пречка пред мултимилионската елита. Динамо има сигурна групна фаза во Лига Европа, но ја напаѓа ЛШ зашто самото учество носи пет пати повеќе пари од тоа во второто по ранг натпреварување.

„Го потврдивме пласманот во Европа (групи во Лига Европа – н.з.), но одиме на пласман во ЛШ и се надевам дека ќе го избориме. Јас им честитам на соиграчите, а зашто – бизарен меч? Фудбалот е таков, се игра 90 минути. Денеска победуваш, утре тргнуваш од почеток. А, нас во сабота нѐ чека нов тежок меч. Бодо Глимт? Ќе го анализираме, но прво ни доаѓа Хајдук, кој е квалитетен и опасен“, рече Ристовски.

Тој играше едно полувреме по што беше заменет на стартот на вториот дел, кога Динамо веќе имаше убедливи 3-0 и фудбалер повеќе, а Лудогорец до фудбалер помалку им даде два гола, па остана само со осуммина во поле после уште две исклучувања.

„Излегов од игра поради жолтиот картон. На крајот сѐ добро се заврши“, додаде Ристовски.