Ристовски: Нема поголем мотив од тоа дека може да играме полуфинале!

Македонскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски, кој брзо стана првотимец во Динамо Загреб откако зимоска дојде за еден милион евра од Спортинг Лисабон, утре со „модрите“ го очекува реваншот против шпански Вилјареал во четвртфиналето од Лига Европа, а македонскиот репрезентативец најави битка за место во полуфиналето.

Динамо во Загреб загуби од „жолтата подморница“ со 0-1, но шансите за пласман не се загубени, иако сега пред себе Динамо ќе има двојно потешка задача, да го освои теренот на шпанскиот прволигаш.

„Нема поголем мотив од тоа што победа ни носи полуфинале. Знаеме кој е Вилјареал, ама и ние сме добра и искусна екипа, тоа го покажуваме цела сезона, па така ќе се поставиме и утре. Мора да одиграме најсериозно, цврсто, со ладни глави и дај боже да поминеме. Изгубивме на првиот меч со 0-1, но во Шпанија одиме со отворен гард, се бориме за полуфинале и јас се надевам дека ќе успееме“, вели Ристовски

Според најавите вториот македонски репрезентативец Аријан Адеми, капитен на загрепчани, ќе биде стартер на мечот, иако првично тренерот Дамир Крзнар предизвика паника со сомнежот дека поради отеченото стапало можеби има и скршеница на неуморниот борец и тркач од средниот ред.

„Вилјареал е типична шпанска екипа, сака да игра фудбал по земја. Буквално од голман тргнуваат во напад, па мора да бидеме многу внимателни помеѓу линиите, зашто добро се движат. Денешниот фудбал е таков, што мора да си сериозен против секого, денеска сите напорно тренираат, анализираат, се подготвуваат. Знам дека нѐ чека тежок меч“, додава Ристовски.