(Р)Еволуција во фудбалот: Како ќе изгледа „селари капот“ што УЕФА веќе го разработува?

Откако Германија најави дека сериозно размислува за воведување на ограничувања при трансферите и платите на фудбалерите, т.н. „селари кап“, кој постои во американскиот спорт, Европската фудбалска унија (УЕФА) веќе сериозно го разработува тој план и постои драфт-верзија која се доработува со што може комплетно да се смени сликата на фудбалот во иднина.

Александер Чеферин, првиот човек на УЕФА во низа интервјуа најави дека во Нион се размислува на некакви реформи околу оваа проблематика, подобрување на финансискиот фер-плеј кој успеа да стабилизира фудбалот, но напливот на многу богаташи посебно од арпаксиот свет и неконтролираното трошење на пари, направи сериозни потреси во фудбалот, а најголеми противници на „модерната фудбалска ера“ е фудбалската аристократија, великаните како Баерн, Реал, Јувентус...

Според шпанското радио „Кадена Сер“, драфт-верзијата на УЕФА за „селари кап“ е во подготовка и е доста слична на МЛС-лигата во САД, но адаптирана на европската регулатива. Сепак, далеку е засега конкретен правилник, но од УЕФА потврдиле дека постои вакво нешто.

„Сè уште немаме специфични детали, но допрва треба да го дефинираме и лимитот“, рекле од Нион за едно од најрелевантните радија на Пиринеите.

Според тоа што е засега ставено на верзијата за „селаи кап“ е дека трансферите ќе бидат поинакви, што значи дека клубовите многу повеќе би заработиле од тоа што е во моментов, зашто се плаќаат високи провизии на менаџерите и посредниците, а во целата ситуација има многу малверзации, прикривања на вистинските суми, по што следи и коруптивен дел, затајување на данок, мито... Уште пред крајот на минатата година, низа менаџери ѝ се пуштија на ФИФА за обидот да направи сериозни промени во трансфер-пазарот, па сега се очекува сериозна реакција и против УЕФА.

Бидејќи ќе се водат по американскиот модел кој е многу покомплексен и има низа нивоа, УЕФА се обидува сериозно да го поедностави, па најмногу ќе се водат за лимитот на плата за најголем дел од фудбалерите. Тоа значи дека еден клуб барем две третини од играчите ќе мора да ги држи на сума од 100.000 до 400.000 евра месечно, а останатата третина да биде во домен од пола милион до еден милион евра месечно. Но, би имало и опција за три фудбалери да може да бидат регистрирани и платени со астрономска плата, која би била далеку над најскапиот фудбалер според скалестиот лимит.

Според нафрлените идеи на драфт верзијата, а Чеферин откри две од нив, во низа интервјуа е дека се размислува на „данок на луксуз“, што би било еден вид плаќање на сериозна сума за провизија ако клубот сака да ангажира мегаѕвезда за многу пари. Вториот дел е сериозно ограничување на бројот на играчи, нешто што веќе е во тек како правило, за да се укинат преголемиот број на фудбалери што се сопственост на клубовите, а играат на заеми.

Сепак за сумите и лимитот УЕФА допрва треба да направи студија, а во Нион се надеваат дека е дојдено времето за вакво нешто, зашто пандемијата со коронавирус покажа дека фудбалската индустрија е нестабилна, а дека платите и трансферите во блиското минато се нешто што го прави клубот, а и фудбалот неодржлив. Пред осум години имаше ваква идеја за „селари кап“ во фудбалот, ама тогаш идејата не помина кај европските клубови кои истата ја отфрлија едногласно.

Ако УЕФА успее да направи вакво нешто, тоа би било еден вид (р)еволуција во фудбалот, а со тоа би се запреле страшните расфрлања со пари на клубовите, а веројатно би донело и до поголема изедначеност, зашто еден пребогат клуб не би можел од најразлични ограничувања да купи 10 ѕвезди и прескапо да ги плати. Всушност, менаџерите и тренерите ќе мора да се потрудат малку повеќе во скаутирања, во изнаоѓање на фудбалери со квалитет за помали пари, за да склопат сериозен тим, а не само од газдите да добиваат стотици милиони евра и потоа да ги трошат на фудбалски ѕвезди.