Реал не е истиот без Роналдо: Суперкупот за Атлетико (ВИДЕО)

Атлетико Мадрид го освои УЕФА Суперкупот откако со 4-2 го совлада Реал Мадрид по продолженијата во Талин, Естонија. Натпреварот ги оправда сите очекувања, бидејќи видовме прекрасни голови и многу пресврти. 

Диего Коста најави дека ќе гледаме ефикасен натпревар уште во првата минута, поточно во 50-тата секунда од натпреварот кога го доведе својот тим во водство од 1-0. Реал Мадрид израмни преку Карим Бензема по одличната асистенција на Герет Бејл. 

Серхио Рамос со гол од пенал го доведе европскиот првак во водство во 63-тата минута, откако Хуанфран играше со рака во својот шеснаесетник. По киксот на Марсело, Атлетико израмни на 2-2 преку Диего Коста во 79-тата минута. 

Во продолженијата, иако „кралевите“ доминираа, „атлети“ даваа голови. Најпрво Рафаел Варан си поигруваше пред шеснасетникот, па Саул Нигез со прекрасен волеј го доведе Атлетико до водство од 3-2 во 98-та минута. Само шест минути подоцна веќе се беше решено, откако и Коке се запиша во листата на стрелците за конечни 4-2.