Реал Мадрид и Јувентус ќе бидат казнети за Суперлигата

Суперлигата се распадна само 48 часа откако беше објавено нејзиното формирање. Сепак, некои клубови формално не се откажаа од идејата за формирање на ново фудбалско натпреварување. 

УЕФА беше гневна поради потегот на 12-те фудбалски гиганти и се закануваше со сакнции и суспензии. Откако најголем дел од клубовите се откажаа од натпреварувањето, сега Куќата на европскиот фудбал разгледува дали и како да ги казни Реал Мадрид и Јувентус, кои всушност се главните организатори на лигата.

Претседателот на „кралевите“, Флорентино Перез требаше да биде прв човек на Суперлигата и тој и натаму верува во проектот, изјавувајќи дека на фудбалот му се потребни промени. 

Челниците на УЕФА воопшто не се среќни и бараат санкции за овие два клуба, но и за Барселона, која исто како и Реал, формално не се откажа или повлече од лигата. Можно е клубовите да добијат едногодишна суспензија од Лигата на шампиони, односно сите европски купови.