ПСЖ во тешка мисија кај Јунајтед, Рома оди по триумф против Порто

Вечерва се играат првите два натпревари од осминафиналето во Лигата на шампиони, а во центар на внимание ќе биде дуелот меѓу Манчестер јунајтед и ПСЖ.

Оле Гунар Солшер го препороди Манчестер јунајтед, па досега има десет победи и едно реми под негово водство, а ова ќе биде деби на Норвежанецот во елитното натпреварување со тимот на „црвените ѓаволи“.

ПСЖ беше фаворит во мечот кога беа извлечени паровите, но сега драстично се сменија работите. Најпрво, поради тоа што Јунајтед ја поправи драстично својата форма, а од друга страна парижаните се соочуваат со големи проблеми со повреди, па нема да можат да сметаат на Едисон Кавани и на Нејмар.

Ќе се води голема борба вечерва на „Олд Трафорд“, а според обложувалниците поголема шанса им се дава на „ѓаволите“, токму поради одличната форма во која се наоѓаат.

Во вториот вечерашен меч, Рома и Порто ќе се пресметаат по петти пат. Португалскиот гигант е поуспешен во меѓусебните пресметки, меѓу кои на последните две во 2016 година славеше со 3-0 во Рим и потоа одигра 1-1 на домашен терен.